Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

28.04.2017, 08:30

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)

СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната собраниска седница и сами го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието. Додека новото парламентарно мнозинство му аплаудираше на Џафери додека даваше заклетва пред најстариот присутен пратеник Ферид Мухиќ, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „Пуч, пуч“ и негодуваа на овој, според нив, незаконски чин пеејќи „Едно име имаме“ и се натпејуваа со пратениците на СДСМ на македонската химна.

Еден час подоцна, неколку стотини граѓани приврзаници на иницијативата „За Заедничка Македонија“ кои вчера 60. ден протестираа пред Собранието, како што велат против Тиранската платформа и за одбрана на Македонија, упаднаа во Собранието, пробивајќи го малиот полициски кордон и собраниското обезбедување.

Заедно со нив во законодавниот дом влегоа и голем број лица со покриени лица и со црни качулки на главите.

Граѓаните, како што самите велеа, револтирани од овој, според нив, антимакедонски и антидржавен чин на СДСМ и на ДУИ, од фоајето на Собранието влегоа во прес-салата каде беа најголемиот дел од пратениците на СДСМ и поголем број новинарски екипи и ги нападнаа пратениците на новоформираното парламентарно мнозинство.

Во општата тепачка, освен со клоци и тупаници, се удираше и со столчиња, стативи од новинарските камери, шишиња... при што беа повредени повеќемина и меѓу пратениците и меѓу граѓаните.

Најлошо поминаа лидерот на СДСМ Зоран Заев и пратеникот Дамјан Манчевски, а повредени беа и пратениците Радмила Шеќеринска и Максим Димитриевски од СДСМ, а според неговите сопартијци и според дел од новинарските екипи кои беа во салата, најмногу повреден бил пратеникот Зијаден Села.

Според дел од медиумите, инцидентот се случил не само поради револтот на граѓаните од, според нив незаконскиот избор на Џафери, туку и „кога виделе оружје во рацете на едно лице од обезбедувањето на Заев“.

„Инцидентот започна кога обезбедувањето на СДС сакаше да пука во народот“, објавија повеќе медиуми, објавувајќи и фотографија.

Демонстрантите извикуваа, медиумите објавуваа: Народот си го врати Собранието

Како што и самите изјавувале припадници За Заедничка Македонија, а пренесоа голем број телевизии и Интернет портали, упадот бил да се спречи пучот на СДСМ и на ДУИ и да се заштитат македонската држава и нејзиниот интегритет од странски платеници и душмани на македонскиот народ.

„Народот успеа да си го врати Собранието“, објавија ТВ Сител, ТВ Нова, Курир...

За време на инцидетот во прес-салата немало полиција, која надвор во фоајето се обидувала да спречи уте поголема група граѓани да влезе внатре.

На влезот на Собранието и во фоајето имаше полиција, но, според коментарите на новинарите и на пратениците кои беа таму, не доволно бројна за да ги спречи инцидентите.

Акција на специјалците: Шок бомби и силни кордони

Поголем број полицајци пристигнаа во Собранието речиси два часа по физичката пресметка, односно кога била дадена наредба од кризниот штаб на МВР да интервенираат специјалните единици.

Со шок бомби, туркање и убедување, специјалците ја испразнија зградата на Парламентот и во два наврата успеале да ги евакуираат пратениците од Собранието, ако и дел од новинарите кои биле заглавени заедно со нив.

Специјалците претходно ги расчистија двата споредни влеза кои демонстрантите ги блокираа за да оневозможат, како велеа, предавничките пратеници да излезат.

При интервенцијата на полицијата, беше изнесен и еден граѓанин на раце, видно повреден и без сознание.

Пратениците преправани во доктори и полицајци за да бидат евакуирани.

Сите новинари не беа синоќа на исто место во Собранието, но според дел од нив, кои изјавуваа подоцна дека биле сведоци на евакуацијата, полицијата морала Радмила Шеќеринска да ја преправи во медицинска сестра за безбедно и незабележано да ја изнесе од Собранието, а Села бил преправен во полицаец за да не го препознае насобраниот народ пред Парламентот.

По евакуирањето, пратеникот Села во тешка состојба бил итно однесен во приватна болница и задржан на лекување.

Околу 22:00 часот сите пратеници и новинари беа извлечени преку задниот влез на Собранието.

Пред да бидат евакуирани, голем дел од новинарите на своите Фејсбук и Твитер профили објавуваа статуси барајќи помош и евакуација од Собранието.

Неколкумина и од нив биле полесно повредени, а била искрешена и дел од опремата на некои ТВ екипи.

Нухиу: Навреме беше формиран оперативен штаб, но полицијата не си ја заврши работата

„Навремено беше формиран оперативен штаб кој функционира уште од почетокот на протестите, но полицијата денеска не ја заврши работата“, изјави министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, за ТВ Алсат М, а изјават ја пренесоа речиси сите други медиуми.

Тој најави дека ќе побара одговорност од сите ангажирани во оперативниот штаб.

За цело време од повеќечасовните тензии МВР апелираше и ги молеше граѓаните да не ја попречуваат полицијата во нејзината работа, а особено да овозможат непречено да интервенираат и екипите на брзата помош.

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Влатко Ѓорчев ги бранеа нападнатите колеги од СДСМ

Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Владимит Ѓорчев, синоќа застанаа пред налетот на граѓаните, бранејќи ги своите колеги од СДСМ и од ДУИ, спречувајќи уште поголем инцидент и уште повеќе повредени.

Стотина повредени на двете страни, приведени нема

Конечниот епилог беше над 70 повредени граѓани, над 20 полицајци и 4 пратеници.

Некои од повредените и на двете страни биле со тешки повреди и биле задржани во скопските болници на понатамошно лекување.

Официјално, приведени нема.

Министорот Тодоров со екипите на брзата помош им помагаше на повредените

Екипите на брзата помош, по апелите за нивно непопречување, успеаја да дојдат до Собранието и да им помогнат на повредени. заедно со една од екипите беше и министерот за здравство Никола Тодоров кој им помагаше на повредените.

Со него подоцна беше и пратеникот Владимир Ѓорчев, кој помагаше за носење на повредените до лекарските екипи.

Илиевски: Не оправдуваме никакво насилство, денеска им се случи народ на тие кои се обидоа да направат државен удар

Никакво насилство не оправдуваме, насилството е лошо, ние 60 дена сме на улиците со љубов, со добра енергија, мирни достоинствени и горди, денес се обидоа да направат државен удар, се случи народ, никој тоа не може да го контролира, истакна Богдан Иливески од пред Собранието на Република Македонија.

-Едно е јасно тука сме и овдека каде што сме ќе останеме се до конечната разврска на ситуацијата, како што кажав многу одамна нема потреба тука да има ограда, нема ограда меѓу граѓаните и нивните граѓани, ние сме оградата, ние сме црвено жолтата линија која го брани законодавниот дом и ние ќе останеме тука точно каде што сме, ова може нема да биде само долга вечер, можеби ќе се два, три, пет, недели, но луѓе немаме друга опција, рече Илиевски.

Тој ги покани сите кои ја сакаат оваа држава да се организираат и да останат пред Собранието на Македонија и да не и дозволат никој на оваа земја да и наштети.

Шеесет дена во мирен, мирољубив пат сакавме да го изодиме патот, ова што денес се случуваше во Собранието беше провокација на која за жал некои подпаднаа и предизвикаа насилство, насилството го осудуваме, упорноста е таа со која ќе се бориме, истакна од пред Собранието на Македонија Борис Дамовски.

Тој вели дека граѓаните од граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА Остануваат пред Собранието и ќе чекаат разврска од утрешната лидерска средба кај претседателот Иванов.

За заедничка Македонија со шатори пред Собранието: Остануваме до крај за Македонија

Сите тие поставија шатори кај Собранието и нагласија дека нема да си заминат оттаму се до конечната разврска, односно, како што велеа, се до конечната одбрана на унитарноста и независноста на Македонија.

По неколкучасовното запоседнување на Собранието, специјалците успеаја да ја испразнат целата зграда. Пратениците и новинарите беа евакуирани, а граѓаните кои упаднаа внатре беа истуркани надвор каде ги чекаа стотици други кои категорично одбија да си заминат.

Груевски: Насилството не е решение, насилниците ќе бидат изведени пред суд

Осуда на насилството и апел за присебност и демократски мерки на решавање на политичката криза упатија и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој од Виена се огласи преку својот профил на социјалните мрежи, и како што рекоа од неговата партија веднаш се упатил кон Скопје.

Насилството не е решение потребно е смирување на страстите. Повикувам на присебност. Народот да не подлегнува на провокациите на СДС и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште подлабока криза и да го исполнат нивното сценарио, потребно е смирување на страстите. ВМРО­-ДПМНЕ ќе се спротистави на овие анти-државни постапки на СДС преку правни и политички демократски средстваа, напиша Груевски на Фејсбук.

Веднаш по враќањето во Скопје, Груевски одржа прес-конференција.

Институциите да направат брза и ефикасна истрага за насилствата во Собранието, да ги откријат насилниците и да ги изведат пред Суд, повика рано утринава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Тој рече дека ги осудува насилствата кои ги направиле поединци и побара да не се ставаат во ист кош граѓаните кои мирно протестираат со оние кои вчера биле насилни.

Груевски ги обвини СДСМ и другите партии кои ги поддржуваат дека со обидот за незаконски избор на претседател на Собранието свесно придонесоа за зголемување на тензиите и се директен причинител на насилствата.

Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена е директна причина поради која дојде до оваа несакана ситуацијаа, рече тој.

Груевски вели дека во наредните денови партијата ќе ги објави своите следни чекори, но, како што рече тие остануваат на страна на народот, Уставот и националните интереси.

Повика да се прифати иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за средба на партиските лидери за да се најде излез од ситуацијата.

Само преку дијалог може да се најде излез, се друго води во хаос, вели Груевски.

Апелираше граѓаните да останат присебни, а политичарите да не преземаат мерки кои би предизвикале тензии.

И од СДСМ ги осудија насилствата и како што рекоа „мора да се бара одговорност за крвавото насилство“.

Иванов со апел за смирување и со повик за лидерска средба

Претседателот Ѓорге Иванов, во вонредно обраќање, околу 22:00 часот, побара смирување на ситуацијата и закажа лидерска средба.
Голем дел од јавноста му забележа на претседателот дека во својот говор нема осуда на насилството.

„Ве повикувам да останете присебни и да не подлегнувате на разни провокации, лажни вести и манипулации. Повикувам на смирување на тензиите и на ненасилство. Повикувам на разумно и одговорно однесување... Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени. Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив... Затоа, ги повикувам лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во мојот Кабинет на лидерска средба за да ја разгледаме новонастанатата состојба. На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба“, рече Иванов.

САД со осуда на насилствата и со поддршка за Џафери

Амбасадата на САД во Македонија, веднаш ги осуди насилствата и порача дека ќе соработува со новоизбранието спикер Џафери.

„Најостро го осудуваме насилството во Собранието. Тоа не е во согласност со демократијата, и е неприфатлив начин за решавање на разликите. Клучно е сите страни да ги почитуваат демократските процеси и законот и да се воздржат од насилни акции кои можат да ја влошат ситуацијата. Мнозинството пратеници го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието, во рамките на регуларна и континуирана сесија на парламентот, на која сведоци беа јавноста и медиумите. Ние ќе работиме со него за поддршка на демократијата и за унапредување на интересите на Македонија“, стои во реакцијата на амбасадата.

Дипломатите во Скопје следеа од хотелот Мериот

Неколку амбасадори на земји-членки на ЕУ, кои се наоѓаа во хотелот Мериот, на само стотина метри од Собранието, затекнати од насилниот и неочекуваниот развој на настаните, побараа полицијата веднаш да интервенира и да ја гарантира безбедноста на пратениците. Тоа беше два часа пред директорот на Бирото за јавна безбедност да ја даде командата за интервенција.

Хан и Могерни побараа смирување на состојбата и признавање на изборот на новиот спикер

Истовремено се огласија и претставниците на ЕУ, Јоханес Хан и Фредерика Могерини, со сличен став и барања за одобрување на изборот на Џафери.

„Министерството за внатрешни работи и полицијата мора да ја осигураат безбедноста на Парламентот и неговите членови. Демократијата мора да истрае. Европската Унија е уверена дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот начин да се оди напред, и ги повикуваме сите политички актери да го почитуваат Уставот на државата и да се однесуваат во духот на демократските принципи, пристојноста и здравиот разум“, стои во нивната заедничка изјава.

СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ за насилствата

Од СДСМ побараа нивните поддржувачи да останат мирни и порачаа дека ќе се одговара за насилниот упад во Собранието и нападот врз нивните пратеници и лидер.

„Крвавото насилство во Парламентот е резултат на насилието на кое што изминатиот период повикуваше Никола Груевски, како и провокациите, омразата, поделбите поттикнати од Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски, пратеничката група на ВМРО-­ДПМНЕ и нивните соработници и поддржувачи, се наведува во соопштението на партијата.


Текстот е прочитан 14681 пати.
#
Груевски: Насилството не е решение, насилниците ќе бидат изведени пред суд
За заедничка Македонија: Не оправдуваме никакво насилство, денеска им се случи народ на тие кои се обидоа да направат државен удар
Министорот Тодоров со екипите на брзата помош им помагаше на повредените
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Влатко Ѓорчев ги бранеа нападнатите колеги од СДСМ
Стотина повредени на двете страни, приведени нема
Нухиу: Навреме беше формиран оперативен штаб, но полицијата не си ја заврши работата
За три години 1.000 пациенти снимени во ПЕТ центарот во „Аџибадем Систина“

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната с...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter