Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

22.04.2017, 01:06

ИНТЕРВЈУ - РИСИМА РИСИМКИН, КОРЕОГРАФ И УМЕТНИЧКИ ДИРЕКТОР НА "ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ"

Танцот ми дозволува да останам своја

Рисима Рисимкин е балетски кореограф, основач на "Интерарт" центарот за современ танц, на "Танц фест", на Академијата за современ танц - прва во регионов, на Скопје танцовиот театар. Тринаесет години по ред успешно го менаџира "Танц фест Скопје", а лани беше првиот македонски автор кој во Пекинг постави танц претстава - "Р.Е.М - Низа од соништа" на Најн современиот танцов театар. Компанијата прексиноќа ја воодушеви македонската публика во МНТ, во рамки на "Танц фест", кој завршува во вторник.

* Рисима, по спектакуларниот старт со француската претстава "Пиксел", се наближува и крајот на "Танц фест". Фестивалот е еден од омилените настани на македонската публика. Лично вие, како го доживеавте ова издание? Во однос на приемот кај публиката, во однос на целата атмосфера, со оглед на целокупното општествено опкружување? Дали им е на луѓето до фестивали?

- Драго ми е што слушам дека Фестивалот е омилен кај публиката. Морам да признаам дека тоа и го видовме на годинешново издание, според одзивот на публиката, што навистина сите нe возбуди и нe направи среќни. Фестивалот за мене претставува можност да останам своја, како што е и мотото годинава. Танцот и уметноста се тоа што е вткаено во нашето битие (тука мислам на целиот мој тим и на танчарите) и ни дава можност да сме креативни во секој поглед. Мислам дека е прекрасно да се има ваков фестивал.

* Се забележува дека и гостите секогаш задоволни си одат и пак се враќаат. Како голема домаќинка, со ведар дух и приемчивост, како ги анимирате, како им го пополнувате слободното време?

- Од самиот почеток на Фестивалот, но и на сите други програми кои Интерарт ги остварува, наша задача беше да ја претставиме нашата земја во најдобро светло. Основното правило на Фестивалот и на тимот кој е вклучен, е никогаш пред други да не се зборува за проблемите, тие да се решаваат во од, а гостите да се чувствуваат удобно и среќно. Посебно внимание посветуваме на личниот однос кон секој поединец што доаѓа, без разлика дали е од голема или од помала компанија. Ние сметаме дека сме лицето на Македонија во моментот кога тие се тука и сакаме да нe паметат по убаво. Публиката го "одработува" својот дел, верно следејќи нe и ги наградува нашите гости со прекрасни аплаузи. Тоа за нас е непроценливо. Инаку, гостите немаат слободно време (ха ха ха), но кога го имаат, се трудиме да им покаже нешто од убавините на градот, понекогаш и на државата, доколку има можност за тоа.

* Во Скопје ја донесовте и вашата претстава од Кина. Дали имавте трема пред домашната публика? Колку сте задоволна од реакциите овде?

- Претставата "Р.Е.М: - Низа од соништа" дојде во Скопје благодарејќи на поддршката на Уметничкиот фонд на Пекинг, кој ја оцени со највисоко рангирање и поддржа европска турнеја на Најн танцовиот театар, кој е нејзин продуцент. Многу ми е драго што можевме да ја вклучиме Македонија во нивната турнеја и да ја презентираме претставата пред нашата публика. Се разбира дека имав трема, секогаш имам трема, но, еве, нe чекаат уште гостувања, на 23 април настапуваме на завршната церемонија или, како што би рекле, финалето на јубилејното дваестгодишно издание на престижниот "Ексзодос фестивал" во Љубљана, Словенија, на сцената на култниот театар "Шпански борци", а на 28 април на сцената на Theater De Nieuwe Regentes во Хаг, во соработка со Новиот танцов центар и култниот центар "Корзо". Извонредна можност, секако, да се претставиме на највисоко ниво пред холандската публика. На 29 април, Светскиот ден на танцот, поканета сум во истиот театар да одржам мастер-работилница,под наслов "Танцувај ги своите соништа". Се чувствувам почестена.

* Што научивте од Кина? Има ли на повидок некоја нова соработка со оваа голема култура?

- Кина е прекрасна, голема земја, со извонредни луѓе и уметници. Тоа е една сосема поинаква култура, со огромна традиција. Патувајќи последните две години, како дел од уметничката организација на Летниот камп за современ танц, кој го нарековме "Танцов караван" и кој беше под покровителство на Министерството за култура на Кина, имав можност да видам три провинции на Кина: Шанкси, Јунан и Гуандо. Извонредно доживување во кое, преку танцувањето, ги осознававме и изучувавме кинеската култура и традиција. Многу научив за толерантноста, креирањето и за споделувањето, работејќи со преку 70 студенти првата, и со околу 100 студенти втората година, кои беа од Кина и од Европа. Во моментов работиме на преговори за повеќе проекти во Кина, а секако, треба да го споменам фактот дека Скопје танцовиот театар е поканет да биде гостин на Културната сезона, која во 2017 година се одвива низ цела Кина, во која ќе бидат прикажани претстави од шеснаесет земји на Централна и на Југоисточна Европа. Ние добивме покана од повеќе престижни организации и фестивали од Кина, меѓу кои е и Уметничкиот фестивал од Шангај, еден од најважните во Кина.

*"Танц фест" се покажа како одлично собирно место на професионалците од областа на танцот. Се запознаваат, се дружат, се склучуваат договори. Што особено ве радува од склучените договори кои ги донел "Танц фест". Не само за фестивалот туку и меѓу другите компании

- Првичната идеја за создавање на фестивалот беше тој да донесе претстави кои нешто значат на светската сцена, за да може нашата публика да ги види, но и да можат македонските уметници да се покажат и да добијат излез кон Европа и светот. По тринаесет години, можам да кажам дека таа мисија е комплетно исполнета, Фестивалот помогна во оформување на вкусот на домашната публика, во создавањето на инфраструктурата за современ танц кај нас, во презентација на домашната современа танцова сцена, тука и надвор, во афирмирање на млади кореографи. Последниве години, дури станува место на кое гостите што се присутни добиваат покани за други гостувања и понуди за работа во други компании, токму благодарејќи на тоа што се дел од фестивалот "Танц фест". Интернационалниот натпревар за млади кореографи ТАНЦЛАБ станува престижно место за презентација на нови кореографии и отскочна штица за младите. Можам само да се радувам.

* Со какви впечатоци си одат гостите кои првпат доаѓаат на "Танц фест" и во Македонија?

- Би било нескромно јас да го кажувам тоа, но реакциите кои ги добиваме и кои ни ги испраќаат гостите се секогаш исти - посакуваат повторно да дојдат. Мислам дека тоа е најголемото признание кое можеме, како Фестивал, да го добиеме.

* Танчарите од Скопје танцовиот театар веќе почнаа со ангажмани во странство. Со оглед на малиот пазар за танцовата современа уметност во земјава, еден од вашите соништа полека се остварува, а тоа е танчарите од СТА да станат дел од светскиот пазар на танчари, на копродукции. Самите се дел на светските сцени како играчи, па и како кореографи. Дали овдешната средина може да ја дофати важноста на овој, навидум мал исчекор во современата македонска уметност? Колку лично сте задоволна на оваа тема?

- За мене никогаш не бил важен само моментот, па некако дури, и реакциите на средината. Јас во главата имам поголема слика која сакам да ја нацртам, и така да одам по стапките на мојот татко, кој беше уметник и сликар. Мислам дека во Македонија создадовме сцена која е релевантна надвор, за нас е важно надвор да ги измериме силите, за да знаеме каде сме. Јас, како професор и како уметнички директор на Скопје танцовиот театар, со радост гледам на успесите на моите студенти и млади кореографи и танчари. Лично им давам голема поддршка, бидејќи сметам дека младите тоа го заслужуваат - шанса и подадена рака, која ќе им помогне да се пласираат и да стигнат таму каде што посакуваат. Се сеќавам на моите почетоци и на тешкотиите со кои се соочував, и сакам на моите танчари да им понудам друг модел, во кој уметноста нe спојува и во кој ќе ја споделуваме радоста на создавањето.

* Рисима, важите за вредна, упорна, голем ентузијаст. Што ве води во животот и во кариерата?

-( Хахахахахах)...сигурно ме води позитивната мисла и желбата за создавање на секое поле, од секој аспект. Со љубов го работам тоа што го одбирам и сакам тоа да го споделувам.

* Кои ви се следни ангажмани, дали ќе работите нешто ново во Македонија и во странство?

- Како се вели - сите опции се отворени ( ха ха ха ). Нe чекаат доста нови проекти, не само мене туку и моите танчари, имаме нова премиера во мај, ќе претставиме и ново кореографско име, гостувања низ Републикава. На почетокот на јуни ќе гостуваме во Братислава, на фестивалот "Сподели", на кој ќе учествуваат повеќе европски академии. Овој фестивал се одржува првпат и има цел да ги обедини престижните европски танцови академии, заради продлабочување на соработките. Ние ќе се претставиме со кореографии на млади кореографи од Скопје танцовиот театар: "Најди некој" на Матеа Киселичка, "Азбука" на Јакуб Мунко и "Погрешно" на Адријана Данчевска. Во рамките на Фестивалот, поканета сум да одржам мастер-работилница, која ја нареков "Создавањето на кореографијата денес: моменти на празнина". Потоа следува Кина, повеќе други проекти, а еве, ексклузивно ќе најавам дека сме поканети на еден од најпрестижните европски фестивали "Холанд денс фестивал" во февруари 2018. Извонредно, зарем не??!!

Билјана Нестороска
Фото: Д.Перковски


Текстот е прочитан 3534 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната с...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter